„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]
08.02.2023
Од Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) и членки на Групацијата на игри на среќа при Комората потенцираат дека овој закон кој де јуре значи оддалечување на објектите за игри на среќа на 500 метри од училиштата, де факто е закон за гасење на индустријата, оставање на преку 10.000 вработени на улица и отворање широко врата за диви обложувалници и сива економија.
„Прашуваме кој има интерес од ваков закон и зошто воопшто се предлага истиот? Сакам јасно да посочам дека анализите кои ги правевме и веќе неколку пати сме ги изнеле во јавноста јасно укажуваат дека се затвараат преку 92% од локалите со ваквиот закон, а со тоа целосно се уништува легалната индустрија на сметка на нелегалната.“- истакна претседателот на АСОМ Васко Илијевски.
Од АСОМ најавија дека ќе ја известат и Европската Унија дека неевропски закон ќе биде донесен со европско знаменце и ќе бараат итно да се спречи неговото донесување. Претседателот на АСОМ Илијевски во своето обраќање изрази сомнеж во однос на нетранспарентноста на донесувањето на предложените измени на Законот за игри на среќа, алудирајќи на тоа дека станува збор за смислено сценарио.
„Зошто предлог законот не е достапен на увид на претставниците на индустријата? Во која демократска и правна држава се носат закони без основна дебата и комуникација со претставниците на таа индустриска гранка? Ние кои сме директно погодени од најавените измени на законот сѐ уште не сме запознаени прецизно што сѐ измените предвидуваат, па со тоа добиваме индикација дека предложените измени намерно и смислено се кријат од нас!“- истакна претседателот на АСОМ Илијевски.
Според инфомарации достапни за АСОМ во новиот предлог закон повторно е изоставен делот со кој се овозможува приредувачите да организираат и онлајн обложување како во сите европски земји. Истакнуваме дека од оваа стопанска гранка директно и индиректно редовни примања добиваат околу 54.000 луѓе!“ –рече Илијевски.
Од АСОМ предупредија дека ако се стави клуч на врата на легалните спортски обложувалници, обложувањето нема да запре и играчите ќе бараат алтернатива и обложувањето ќе се префрли на нелегални локации, каде државата ќе нема контрола ниту врз средствата, ниту врз безбедноста на играчите.
„Како пример се посочува Албанија која пред 4 години го забрани спортското обложување, а потоа беше сведок на апсења секоја недела поради дивите обложувања. Поучени од негативното искуство албанските власти најавија повторна легализација на спорстското обложување во првиот квартал на 2023 година. Од АСОМ истакнаа дека, ниедна европска земја нема ваков закон затоа што тој едноставно не функционира посочувајќи дека ваквите рестриктивни закони докажано носат спротивен ефект, кој отвора ново поле за нелегален профит и ризик за играчите.
Асоцијацијата ги повтори своите барања за итно повлекување на предлог законот и формирање на работни групи помеѓу институциите и приредувачите со цел носење ефикасен и европски закон.
„Од АСОМ потенцираа дека преку активно поддржување на едукативни кампањи и силна финансиска поддршка, како и директна работа во заедницата, може да се направи многу повеќе отколку со носење неефикасни закони и апелираа Собранието да работи во корист на државата и да го спречи донесувањето на овој штетен закон.