„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Компанијата „Џонсон Мети“ додели грант од 23.000 евра за модернизација на лабораторијата на Институтот за хемија

26.08.2022

Компанијата „Џонсон Мети“ додели грант од 23.000 евра за модернизација на лабораторијата на Институтот за хемија

Развивањето млади таленти и стекнувањето основни вештини за решавање проблеми и за критичко размислување се главни приоритети на компанијата „Џонсон Мети“, членка на Стопанската комора. За таа цел, пред почетокот на новата учебна и студиска година, компанијата „Џонсон Мети“ му донираше повеќе од 23.000 евра грант на Институтот за хемија при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Средставата од овој грант ќе се искористат за модернизација на лабораторијата во рамките на Институтот, што ќе им помогне на студентите во унапредувањето на нивните вештини и компетенции од областа на хемијата и на хемиското инженерство. Истовремено, лабораторијата ќе имаат можност да ја користат и учениците од основните и од средните училишта за правење експерименти при подготовка за учество на натпреварите по природни науки. Идејата оваа лабораторија да се користи и од учениците од основните и од средните училишта произлезе од неодамнешните достигнувања и медали што ги освоија нашите средношколци на Меѓународната олимпијада по хемија, годишен академски натпревар со 83 земји учеснички од светот.

Компанијата „Џонсон Мети“ му донираше и примероци од соли на благородни метали на Сојузот на хемичари и на технолози на Македонија, за да придонесе во нивната колекција на оригинални хемиски елементи на периодичната табела, со цел обезбедување практични искуства за студентите и поттикнување кариера во иновациите и во науката.