КОЛЕКЦИЈА НА УМЕТНИЧКИ ДЕЛА ВО СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА
Не е многу вообичаено на нашите простори за уметноста да се грижи некоја институција која не и припаѓа на културата, а уште помалку да создава збирка на ликовни дела , а не е ниту музеј, ниту галерија. Нормално е да, зад секоја збирка уметнички дела стојат некои ентузијасти, вљубеници во уметноста, луѓе со јасна цел, кои ги собираат уметничките дела, ги селектираат и ги следат движењата во ликовната уметност, и по свој афинитет, ја градат збирката. Такви луѓе иницијатори за постоењето на оваа збирка ликовни дела, имало и се уште има во Стопанката комора на Македонија. Почетоците на оваа збирка ликовни дела датираат од 1965 година. Како јадро околу кое се формираше сегашната збирка беа делата на великаните и основоположниците на македонската современа ликовна уметност, сликарите Личеноски, Мартиновски, Пандилов, Коџоман и други.
Проширувањето и збогатувањето на збирката го чинат делата на средната и помладата генерација ликовни творци, меѓу кои спаѓаат: Петлевски, Корубин, Кондовски, Мазев, Гуте, Ташковски, Манев, Кал’чев и други. Денес оваа збирка брои на над педесет слики во маслена техника и бројни цртежи, акварели и графики од сите генерации македонски ликовни уметници.
Овие дела не се заробеници ма музејските и галериските депоа. Тие „живеат“ на ѕидовите во просториите на Комората, го облагородуваат просторот и имаат постојан дијалог со вработените и со посетителите во оваа институција. Сликите се први што ги „поздравуваат“ посетителите. Тие сами воспоставуваат дијалог со гледачот и од тие причини , обично се поставуваат на највидни места. Уметничките дела умеат потсвесно да зборуваат за себе, за авторот и за својот сопственик и вршат мисија на амбасадори на доброто расположение и благодарноста.
Токму од тие причини, иницијативата на Стопанската комора на Македонија е корисна и исто толку благородна, значајна за развивањето на ликовната уметност и ширењето ликовната култура во Македонија.