МЕДИЈАЦИЈАТА КАКО ЕФИКАСЕН НАЧИН НА ВОНСУДСКО РЕШАВАЊЕ НА СПОРОВИТЕ
Мерки и Заклучоци од 23-та седница на Владата на РСМ (19.03.2020)
Со оглед на прогласувањето на вонредна состојба во нашата држава се јави потреба од донесување на оваа уредба со која се уредува одложувањето на полагање на испитот за вештаци, правосудниот испит, испитот за медијатори и испитот за нотари за време на траењето на вонредната состојба. За времено одлагање на овие испити, Владата денеска ги донесе Уредбата со законска сила за примена на Законот за вештачење, Уредба со законска сила за примена на Законот за правосудниот испит, Уредбата со законска сила за примена на Законот за медијација, и Уредбата со законска сила за примена на Законот за нотаријатот.
Протоколи кои произлегуваат од Планот за намалување на рестриктивните мерки за спречување на ширење на коронавирусот
Врз основа на член 58 став (1) од Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр.66/04, 139/08, 99/09, 149/14, 150/15 и 37/16), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 12 мај 2020 година, донесе О Д Л У К А ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ОДЛУКАТА ЗА МЕРКИ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА ВНЕСУВАЊЕ И ШИРЕЊЕ НА КОРОНАВИРУС COVID-19 Прилог бр.3 кон Одлуката е Протоколот за организација на работни состаноци, обуки, курсеви и семинари. Во прилог е линкот на Протоколот-Protokol za organizacija na rabotni sostanoci, obuki, kursevi i seminari
На 27.12.2021 година во Службен весник на РСМ е објавен Новиот Закон за медијација („Службен весник на Република С.Мaкедонија“ бр. 294/2021). НОВИОТ ЗАКОН ЗА МЕДИЈАЦИЈА е влезен во сила од 04.01.2022 година односно осмиот ден од објавувањето во Службен весник на РСМ. Со денот на влегувањето во сила на НОВИОТ закон престанува да важи Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија“ број 188/13, 148/15, 192/15 и 55/16).
***
На 54-тата седница на Владата на Република Северна Македонија, одржана на 21.06.2022 година, потпретседателот на Стопанската комора на Северна Македонија и претседател на Асоцијацијата за медијација при Комората, д-р Јелисавета Георгиева Јовевска е именувана за ПРВ НАЦИОНАЛЕН КООРДИНАТОР ЗА МЕДИЈАЦИЈА.
Со новиот Закон за медијација (Сл.весник на РСМ бр.294/2021) кој стапи на сила на 4-ти јануари 2021 година функционира Национален совет за медијација, тело на Владата на Република Северна Македонија кое независно и самостојно го обезбедува, следи и оценува квалитетот на работите во медијацијата во рамки на надлежностите определени со законот.
Со Националниот совет за медијација раководи Националниот координатор за медијација, кој воедно и го застапува и претставува Советот, кој освен Националниот координатор брои плус 4 члена и секретар.
***
Медијацијата, во согласност со Законот за медијација (Сл. весник на РСМ бр. 294/2021), е посредување и начин на решавање на споровите наведени во член 1 од овој закон, настанати меѓу две или повеќе страни во спорот, при што им се овозможува да го решат по пат на мирење, со посредство на трета неутрална страна медијатор/медијатори, со можност да постигнат заемно прифатлива писмена спогодба.
При користењето на медијацијата за решавање на споровите главна улога имаат начелата на медијацијата, кои ја издвојуваат како најпривлечна пред другите методи на алтернативно решавање на споровите или пред судовите. Начелата на медијацијата се: доброволност, рамноправност и неформалност, непристрасност, доверливост (исклучена е јавноста од постапката и сите информации од постапката се доверливи), достапност на информации (нема достапност на информациите од медијацијата во други постапки), еднаквост, правичност, ефикасност и економичност. Во согласност со Законот за медијација во Република Северна Македонија (Закон за медијација, Службен весник на Република Северна Мaкедонија бр. 294/2021), медијацијата се применува при имотно-правни спорови што произлегуваат од оставински постапки, семејни спорови, работни спорови, трговски спорови, при потрошувачки спорови, осигурителни спорови, спорови што произлегуваат од постапките на нотарски платни налози, при спорови од областа на образованието, спорови од областа на безбедност и здравје при работа, спорови од областа на здравствената заштита, при спорови од областа на заштитата на животната средина, спорови во врска со дискриминација, спорови поврзани со граѓанската одговорност за навреда и за клевета и во други спорни односи настанати меѓу домашни и/или странски физички и правни лица, каде што медијацијата одговара на природата на спорните односи и може да помогне за нивно разрешување. Одредбите од овој закон се применуваат и во кривични предмети, доколку не е поинаку определено со посебен закон.
Со донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за парнична постапка (Службен весник на РМ бр. 124./15), со член 47 од Законот, извршена е измена на член 461 од пречистениот текст на ЗПП, според кој „во стопанските спорови за парично побарување чија вредност не надминува 1.000.000 денари, а по кои постапката се поведува со тужба пред суд, странките се должни, пред поднесувањето на тужбата, да се обидат да го решат спорот по пат на медијација. При поднесувањето на тужбата, тужителот е должен да приложи доказ издаден од медијатор дека обидот за решавање на спорот по пат на медијација не успеал. Тужбата кон која не е приложен доказот од став (2) на овој член судот ќе ја отфрли.“ Оваа одредба од ЗПП е влезена во сила од февруари 2016 година.
Динамиката на бизнисите, трендот на интензивно намалување на трошоците, зголемување на ефикасноста, технолошките придобивки со можности за моментален трансфер на информации, мобилност во сите сегменти од живеењето, ја наметнуваат потребата да се надмине традиционалното водење на судските постапки и да се бараат нови начини за ефикасно разрешување на споровите и конфликтите преку иницирање постапки со ефикасни начини на решавање на споровите како што е медијацијата.
Асоцијацијата за поддршка на медијацијата при Стопанската комора на Северна Македонија ја поддржува медијацијата, со главна цел популаризација на овој ефикасен начин на вонсудско решавање на споровите. Со популаризација на медијацијата ќе се намалат непотребно долгите и скапи судски постапки и ќе се зголеми ефективноста во надминување на конфликтите во ставовите на страните, преку наоѓање решенија прифатливи за двете страни и нивна идна соработка поради доверливоста на постапката, што не е случај во најголем дел од споровите кога се води јавна судска постапка.
ЛИСТА НА МЕДИЈАТОРИ
Согласно член 40 и член 51 од Законот за медијација (Службен весник на РСМ број 294/21) Именик кој го води Комората на медијатори на лица кои го положиле испитот за медијатори и на кои им е издадена Лиценца за вршење медијаторски работи и кои можат да вршат медијаторски работи согласно од Законот за медијација може да најдете на следниот линк: Именик на медијатори-КМРСМ, 20.01.2023.
Регистарот кој го води Министерството за правда на РСМ на лица кои го положиле испитот за медијатори и на кои им е издадена Лиценца за вршење на медијаторски работи во согласност со одредбите од Законот за медијација (Сл. весник на РСМ бр.294/21) може да најдете на следниот линк: Регистар на медијатори / РЕГИСТАР НА МЕДИЈАТОРИ СО ВАЖНОСТ НА ЛИЦЕНЦА.