„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

ГРАДЕЖНИОТ СЕКТОР И СИНДИКАТОТ СО АПЕЛ – ДОМАШНИТЕ КОМПАНИИ ПРЕД ЗАТВОРАЊЕ, БЛИЗУ ДВЕ МИЛЈАРДИ ЕВРА ЌЕ СЕ ОДЛЕАТ НА СТРАНСКИ КОМПАНИИ

10.03.2023

ГРАДЕЖНИОТ СЕКТОР И СИНДИКАТОТ СО АПЕЛ – ДОМАШНИТЕ КОМПАНИИ ПРЕД ЗАТВОРАЊЕ, БЛИЗУ ДВЕ МИЛЈАРДИ ЕВРА ЌЕ СЕ ОДЛЕАТ НА СТРАНСКИ КОМПАНИИ

Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали при Стопанската комора како релевантен претставник на бизнис заедницата и Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање како релевантен претставник на работниците во секторот изразуваат заедничка загриженост за состојбата во која се наоѓа градежништвото, дејност во која бројот на вработени во третиот квартал од 2022 година споредено со третиот квартал од 2021 година, бројот на вработени се намалил за 22,11 % или за 12.622 лица. Ова е прв пат вкупниот број на вработени да падне под 50.000 лица што упатува на заклучокот дека последиците од кризата ги чувствуваат не само работодавачите, туку и работниците во овој економски сектор.
За таа цел се алармира дека е потребно важноста на оваа стопанска дејност која опфаќа 7% од вкупниот број на вработени лица во земјава да биде повисоко на државната агенда. Здружението за градежништво укажува дека ваквиот проблем генерално е резултат на фактот дека во последните години акцентот многу повеќе е ставен на водењето социјална отколку на развојна политика, па оттука и на воведувањето на законски решенија како недела неработен ден, пораст на минимална плата и други решенија кои истовремено не предвидуваат механизми за зголемување на продуктивноста на трудот и не овозможуваат простор за поголема заработка. Со оглед дека проблемот е системски, системски треба да се пристапи и кон негово решавање.
Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали при СКСМ и  гранскиот синдикат бараат итна средба во Владата, бидејќи, како што велат, состојбата во градежништвото е алармантна - домашните компании се соочуваат со потешкотии во работењето затоа што големите инфраструктурни проекти ги добиваат странски компании, а голем е и одливот на градежни работници. 
Како што беше кажано на прес конференцијата, речиси две милијарди евра ќе се одлеат кај странски градежни компании и ќе се дадат на странски работници, наспроти 80 милиони евра за домашните компании и домашните работници. Вакавата реакција следува по најновиот договор потпишан со конзорциумот „Бехтел и Енка“, кој треба да гради четири автопатски делници на коридорите 8 и 10, вреден 1,3 милијарди евра.
- Договарање во четири очи, договарање во услови каде што домашните компании не се конкурентни, не е пример за изградба на сектор кој би имал успех. Доволно е само во околината да погледнете, а и во сите други европски држави, да сфатите дека нема голема компанија без голема поддршка од државата, нема голема компанија без примена на домашни ресурси и домашни работници, така што како компании сме запрепастени ниеден од новите јавни набавки што ги финансира ЕУ, ЕБРД, Светска банка, да не ги задоволуваме условите, а во исто време во странство задоволуваме услови да настапиме сами, потенцира Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништво.

Доколку не се наиде на слух кај Владата за овој проблем, од Синидкатот и Здружението на градежништво најавуваат дека ќе ги информираат Европската и Светската федерација за градежништво.