„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Презентирани актуелните состојби и тековните движења во текстилната и кожарската индустрија

24.01.2023

Презентирани актуелните состојби и тековните движења во текстилната и кожарската индустрија

На 24.1.2023 година во Стопанската комора на Северна Македонија се одржа работен состанок на Здружението на текстилната и на кожарската индустрија, на кој се дискутираше за актуелните состојби и тековните движења во текстилната и кожарската индустрија, за очекуваните ефекти од новото зголемување на минималната плата врз работењето на компаниите, како и за консултација со компаниите по работната верзија на новиот предлог на Законот за работни односи.

Претседателот на Здружението на текстилната и на кожарската индустрија, господинот Ангел Димитров, истакна дека текстилната и кожарската индустрија во Република Северна Македонија се од особено значење, како според бројот на вработените така и според извозот, при што во овој сектор особено дојдоа до израз претприемничките иницијативи, кои создаваат солидна материјална основа и кои претставуваат едни од водечките преработувачки индустрии во земјава, со значителни резултати во формирањето на БДП.

Оваа индустрија во Македонија во последните години е во тешка ситуација, а тоа е резултат на повеќе услови. Прво, има недостиг од млад и стручен кадар кој би работел во оваа дејност, а, второ, проблем се и големото иселување на населениото од државава, како и покачувањето на платите, кое не кореспондира со нивото на продуктивност во оваа дејност. Со новото усогласување на минималната плата, кое треба да биде од март оваа годината, во согласност со Законот треба да изнесува 50 % од порастот на трошоците за живот (кои се пораснати за 12,6 %) и 50 % од порастот на просечната нето-плата (која е порасната за 13,6 %). На ниво на стопанството, минималната плата севкупно ќе порасне за околу 13 % и ќе изнесува околу 20.400 денари, а со самото тоа растат и придонесите од вработен, кои треба да ги платат самите компании. Друг проблем е и тоа што 93 % од оваа индустрија се базира на лон-производство се увезува готов материјал, а кај нас само се доработува, се шие и се пакува. Поради тоа цената од единица производ е мала, што е голем проблем за овие компании да продолжат со работа а секако конкуренција се азиските пазари.

Бројот на вработени од година во година постепено се намалува, односно од 43.848 вработени во 2007 година во 2021 година се движи на околу 35 илјади вработени во сите сектори на оваа дејност, што, сепак, претставува речиси 30 проценти од вработените во преработувачката индустрија. Исто така, извозот од година во година се зголемува, па за единаесет месеци од 2022 година извесува 580 милиони американски долари, што е околу 9 % од вкупниот извоз на ниво на државата.

На состанокот се дискутираше и за новиот предлог на Законот за работни односи, при што беа истакнати новините во однос на важечкиот закон во делот на одредбите со кои се уредуваат видовите договори за вработување, на уредувањето на работата од далечина, на работата од дома, на одредбите за платено отсуство (мајчинство) и за користење на родителското право, на инспекцискиот надзор и слично. Од компаниите беше истакнат проблемот со злоупотребата на боледувањето од вработените, како и барањето од компаниите да се намали бројот на денови кои се плаќаат за боледување, а кои се на товар на работодавците, од 30 дена на максимум 15 дена.

Исто така, на состанокот компаниите беа запознаени со делот за образованието, со актуелната состојба со дуалното образование и со процесот за вклучување на компаниите во реализацијата на практичната обука, а беше промовиран и Советот за развој на тренинг и на обуки. Им беше пренесена и можноста за искористување и за аплицирање во делот на активните мерки за вработување и на услугите на пазарот на трудот, т. е. оперативниот план за вработување за 2023 година, како и програмите за вработување што се опфатени со оперативниот план за вработување за оваа година.