„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]
27.01.2023
На 25.1.2023 година во 11 часот беше одржана седница на Здружението на дрвната и графичката индустрија и на издавачката дејност, која беше реализирана виртуелно на барање на компаниите. На седницата беа разгледани актуелните состојби и тековни движења во дрвната и графичката индустрија и во издавачката дејност.
Кај индустријата за преработка на дрво и на производи од дрво увозот за 11 (единаесет) месеци од 2022 година изнесува 99,03 илјади тони или 76,1 милиони американски долари, а, пак, увозот на дрво и на плута во тој период изнесува 113,1 илјади тони или 32,4 милиони американски долари. Кај индустријата за производство на мебел, негови делови, постелнина и сл. увозот за 11 (единаесет) месеци од 2022 година изнесува 22,6 илјади тони или 105,7 милиони американски долари.
Kaj индустријата за преработка на дрво и на производи од дрво извозот за 11 (единаесет) месеци од 2022 година изнесува 15,5 илијади тони или 8,6 милиони американски долари, а извозот на дрво и на плута за истиот период од 2022 година изнесува 12,02 илјади тони или 2,6 милиони американски долари. Кај индустријата за производство на мебел, негови делови, постелнина и сл. увозот за 11 (единаесет) месеци од 2022 година изнесува 35,9 илјади тони или 315,07 милиони американски долари.
Овие податоци укажуваат на слабото користење на домашниот расположлив потенцијал во шумарството.
Имајќи ги предвид наведените неповолни движења во дрвната индустрија, како во производството така и во надворешно-трговската размена во последниве две години, оцената е дека увозот и натаму ќе го истиснува домашниот производител од домашниот пазар. Оттаму, императив се условите за обезбедување повисок степен на конкурентност на домашните производи од оваа гранка, со дефинирање мерки и активности за позитивна динамика.
Перспективите за 2023 година во овој сектор не се розови, особено на за извозно ориентираните компании, со оглед на незавршената сертификација на шумите од ЈП „Национални шуми“.
Во однос на извозно-увозните показатели во индустријата за хартија и целулоза, во графичката индустрија и во издавачката дејност, производството, во најголем дел, е насочено спрема потребите на домашниот пазар. Кај индустријата за хартија, целулоза и за производи од хартија извозот за 11 (единаесет) месеци од 2022 година изнесува 23,2 илјади тони, односно 28,8 илјади американски долари, а увозот за единаесет месеци од 2022 година е 108,3 илјади тони, односно 162,9 илјади американски долари, што укажува на фактот дека Република Северна Македонија и натаму е увозно зависна.
Во делот на целулозата и на отпадоците од хартија, извозот за 11 (единаесет) месеци од 2022 година е 24,8 илјади тони или 5,2 милиони американски долари, додека, пак, увозот за истиот период е 1,7 илјади тони или 669 илјади американски долари.
Kaj индустријата за хартија и целулоза, кај графичката индустрија и кај издавачката дејност има недостиг од работна сила и недостиг од лица за одржување на машинскиот потенцијал во компаниите, што создава големи проблеми во тековното работење кај компаниите од овие индустриски гранки. Човечкиот капитал игра клучна улога за успешно работење на компаниите, за зголемување на нивната додадена вредност и за раст на извозниот потенцијал. За таа цел, пред компаниите беа претставени Советот за развој на тренинг и на обуки, како и активностите и организациските цели на Советот, особено на Центарот за дуално образование, на Центарот за преквалификација и за доквалификација и на Центарот за тренинг и обуки, но и оперативниот план на активни мерки за вработување и за услуги на пазарот на трудот за 2023 година.