„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

УСПЕШНА СОРАБОТКАТА НА СТОПАНСКАТА КОМОРА И ХЕЛВЕТАС ОД ШВАЈЦАРИЈА, КАКО ПАРТНЕРИ ВО ПРОЕКТОТ „ОБРАЗОВАНИЕ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ“

22.02.2023

УСПЕШНА СОРАБОТКАТА НА СТОПАНСКАТА КОМОРА И ХЕЛВЕТАС ОД ШВАЈЦАРИЈА, КАКО ПАРТНЕРИ ВО ПРОЕКТОТ „ОБРАЗОВАНИЕ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ“

Како дел од редовните годишни активности во рамки на проектот Е4Е „Образование за вработување“ во кој СКСМ е еден од трите партнери, Комората беше домаќин на  работната средба со регионалниот директор на Хелветас за Jугоисточна Европа Матијас Хер и Никола Бабиќ од регионалната канцеларија на Хелветас во Белград.

На средбата од страна на Комората беа преставени досегашните активности во кои бизнис секторот во рамки на проектот е вклучен, но и потенцијалите за идни полиња на делување во насока на унапредување на дуалното образование но и образовните политики во целост, за креирање кадар за потребите на економијата.

Проектот Е4Е кој е веќе петта година активен во нашата држава континуирано има прогрес и позитивни видливи резултати, како од аспект на подигнување на значењето и важноста на дуалното образование кај деловниот сектор, така и во перцепција на учениците и родителите за значењето и важноста на стручно средно образување од аспект на побрза вработливост. Улогата на Стопанската комора како партнер во целиот процес е повеќе од видлива и дава исклучително позитивни резултати. Капацитетот на Комората во својата структура има 19 здруженија, 15 асоцијации, и повеќе од 50 групации во рамки на своите форми на делување, но и нови четири совети од кои два го третираат образованието (Советот за тренинг и обука и Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања). Преку сите овие форми нашата бизнис организација има капацитет и потенцијал да делува конкретно по сектори за специфични струки и занимања и да ги вклучува директно компаниите во процесот на креирање стручно образование кое ќе произведува квалификуван кадар, истакна Даниела Михајловска Василевска, проектен координатор на Е4Е од Комората. 

Иако тековните активности се веќе дефинирани, има потреба и за дополнителни нови форми на брзо делување во рамки на проектот кои произлегуваат од новите состојби на терен врзани за глобалната миграција која секако сериозно ја засега нашата држава а и регионот на Западен Балкан во целост. Ако на ова се надоврзе и фактот дека македонските компании работата во исклучително специфични услови од аспект на предвидливост на бизнисот и не е голем бројот на компании кои имаат среднорочни планови за развој, а уште помал е бројот на компании со долгорочни стратегии, надополнето со глобалните текови на мутација на кризите, сметаме дека во следниот период круцијално акцент треба да се стави на изработка на брзи анализи на краток рок за три до шест месеци преку кои ќе се следат состојбите по сектори, дејности, какви се потребите на компаниите, за кадарот што им е потребен. За ова секако добредојдено е швајцарското искуство на ваков модел на следење на состојбите на пазарот на трудот. Паралелно, Комората треба да биде и главен носител на промоцијата на дуалното образование преку креирање разни форми на активности во текот на цела година.

М-р Наташа Јаневска, координатор на Советот за тренинг и обука се осврна на активностите кои во рамки на Центрите при советот имаат придонес во развој и надградба на процесите за поголема видливост на дуалното образование, системот на преквалификација и доквалификација на кадри за потребите на компаниите, како и подготовката на платформата за Берза на трудот. 

Оперативниот директор, м-р Михајло Донев, пред присутните изрази благодарност за големата соработка што ја изградивме во изминатите години, која продолжува да расте во Втората фаза од проектот Е4Е. Хелветас како организација поседува капацитет кој е од голема поддршка на активностите на Комората во доменот на образованието, доверлив партнер за пренос на знаење, како и пристап до експерти, студиски посети и вмрежување со швајцарските професионални здруженија со цел да се зајакнат и прошират капацитетите на нашите асоцијации и совети во рамките на Коморите кои се развиваат до системски актери во многу процеси. Во наредниот период ќе продолжиме да го зајакнуваме ангажманот на приватниот сектор создавајќи врски не само кон училиштата и компаниите за стручно образование и обука, туку и кон универзитетите. Советот за унапредување на високото образование и стратешките истражувања ќе организира концепт на отворени врати како метод кој создава можност за промовирање на активностите на компанијата и за доближување на компанијата до потенцијалните вработени преку презентирање на работниот процес, условите и технолошкиот статус и опременоста на компанијата, како и нејзините можности за развој на кариерата.

Хелветас е независка швајцарска организација за развој која преку проектни активности развива капацитети во Африка, Азија, Латинска Америка и Источна Европа. Преку својата единица за Источна Европа, Хелветас е присутна и во Северна Македонија уште од 2003 година, работејќи на активности кои ја зголемуваат вработливоста на младите луѓе.