„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

ПАНДЕМИЈАТА И БИРОКРАТИЈАТА

13.07.2020

Одговорните мора да разберат дека администрацијата треба да е „слуга“, а не „господар“ на приватниот сектор и водејќи се од оваа премиса да ја намалат бирократијата, што ќе е траен влог во условите за водење бизнис

ПАНДЕМИЈАТА И БИРОКРАТИЈАТА

Даноци и царини

Пристап до финансии

Услови за водење бизнис

Регулатива и коментари по регулатива

Отсекогаш болестите биле брутален непријател на општествата и како последица на нив се менувал текот на историјата. Така, малкумина од оние кои денес, затечени од здравствената и економска криза главно се фокусирани да се организираат за да опстојат, се свени дека КовидД-19 нé носи во нов, непознат  правец. Веројатно треба да се разбере дека траењето на кризата и последиците кои ќе ги предизвика се непознаница, враќање во претходна состојба нема да има, а санирањето на последиците ќе трае долг период. 

Во прилог на претходното се постојаните промени во ставовите и проекциите на релевантните меѓународни институции (Светската здравствена организација, која е најодговорна во делот на здравствената криза), но и економските институции, кои надолно ги ревидираат проекциите за економскиот раст. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предвидува пад на светската економија во 2020 година од 4,9%, а проекциите за БДП на ниво на ЕУ во 2020 година се -10,2%. Последната бројка е особено значајна за нас, бидејќи движењата во македонската економија се силно условени од побарувачката во ЕУ, за што сведочат податоците за индустриско производство кај нас, кое како резултат на кризата оваа година бележи високи двоцифрени стапки на пад, а идентични се и движењата во делот на надворешно-трговската размена која е драстично намалена. 
Претходното упатува на фактот дека македонските компаниите дополнително ќе се соочуваат со проблеми, како заради здравствената состојба и мерките за справување со истата, така и заради сериозни аномалии на системот дома, кои во овие услови болдирани испливуваат на површината. Покрај големите загуби кои ги трпат компаниите заради отежнатиот пласман на производите, загубата на пазари, проблемите со транспортот и навременото обезбедување на суровини и репроматеријали и сл., тие трпат загуби и заради бирократските процедури дома. 

Постапките за издавањето на дозволи, концесии, лиценци, акредитации и слично,  се директен трошок за компаниите, претставуваат сериозна пречка за нивно непречено работење и се извор на корупција. Во пракса, не се почитуваат роковите во кои службените лица треба да постапат за решавање на одреден предмет, а доколку во законскиот рок не го решат предметот или не постапат по одредено барање никој не одговара.

Од фискален аспект, неданочните приходи и приходите од други даноци (во кои влегуваат приходите од комуналните такси и надоместоци за издавање лиценци и дозволи за вршење на дејност, концесии, административни такси и глоби) во Буџетот за 2019 година се реализирани во износ од 19.446 милиони денари, односно истите претставуваат 9,5% од вкупно реализираните приходи во Буџетот. 

Значи, директните трошоци за бизнисот по овие основи се околу 315 милиони евра на годишно ниво но, индиректните трошоци кои се резултат на чекањето и неможноста за брза реализација на одредени цели, проткајани со коруптивно однесување се далеку поголеми.

Затоа денес, во овие услови на здравствена и економска криза, пред сите ад хок мерки кои се носат во име на справување со неа, неопходно е системско намалување на бирократските процедури, поедноставување и рационализација на неданочните и парафискалните давачки и обезбедување механизам на одговорност за службениците во администрацијата за непостапување во со закон пропишаните рокови.

Неопходно е итно да се воспостави посебен Регистар на неданочните и парафискални давачки, кој ќе содржи елементи за идентификување и јасно истакнување на видот на давачките, како и функционален електронски систем на следливост на поднесено барање за добивање дозволи, концесии, лиценци во секоја фаза од неговата обработка, со цел навремено постапување, но и утврдување на одговорноста на администрацијата за доцнењето во одредени постапки.

Одговорните мора да разберат дека администрацијата треба да е „слуга“, а не „господар“ на приватниот сектор и водејќи се од оваа премиса да ја намалат бирократијата, што ќе е траен влог во условите за водење бизнис во државата за време на пандемијата, но и по неа.