„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

СРЕЌНА НОВА!

02.01.2022

СРЕЌНА НОВА!

Новини, реформи и регулатива

Практична обука

Бизнис Центар за тренинг и обука

Едукација за вештини и знаења

Измина и 2021 година и некако по инерција, време е да кажеме што сме направиле. Дилемата е: Дали да се почне со состојбите што ни ги донесе КОВИД 19 пандемијата, една од најболните пандемии во поновата историја, или со нешто позитивно: Што сме сработиле и покрај сите предизвици на КОВИД 19 вирусот?

Денес, не сакам да пишувам за блокираниот пристапен процес на нашата земја за влез во Европската Унија; за проценката дека нашата земја е умерено подготвена да ги преземе обврските од членството во ЕУ; за стагнацијата на економскиот раст и конкурентноста на земјата; за растот на јавниот долг на 61,2% од БДП и на државниот долг 52% од БДП; за новите иницијативи наместо имплементација на постојната правна рамка, за забавување на реформите во социјалната политика и за системските слабости и умерената подготвеност во делот на образованието (според Извештајот на ЕК). Нема да зборувам за недостигот на независност, координација и капацитети на институциите и за недостигот на ресурси, што би подразбирало вработување на способен, компетентен и стручен кадар на вистинско место и во вистинско време и за недостигот на напорите за спроведување на законите и политиките.

Денес, на вториот ден од 2022 година, ќе пишувам за активностите на Стопанската комора на Северна Македонија кои ја обележаа 2021 година, затоа што ова е значајна година на Комората, која ги одбројува деновите за одбележување на нејзиниот јубилеј - 100 години од коморското здружување во нашата земја. И додека другите зборуваат, бројките на настаните и другите активности ја потврдуваат реалноста на работењето на Комората. Да почнеме од почеток.

1. Пандемијата не ја спречи Комората да иницира и да учествува во креирањето на новиот Закон за стручно образование и обука за усогласување на образованието со потребите на бизнис-заедницата, што овозможува долгорочно планирање на развојот на бизнисот, обезбедување работна сила и решавање на празнините за потребните вештини и квалификации. И додека, заедно со компаниите, учествуваше на дебати за предлог Законот за стручно образование и обука, Комората истовремено ја организираше дебата „Гласот на бизнис заедницата за Законот за стручно образование и обука“ со преставници на компании, вклучени во стручното образование и обука, коморите, Организацијата на работодавачи на Македонија и министерството за образование и наука за да се слушнат мислењата на компаниите. Неизбежно е да се спомене дека Комората бара во Законот за работни односи да се вклучи практичната обука на ученикот во компанија како работно искуство на ученикот со добивање на документ, кој ќе биде вреднуван од работодавачот, и вклучена во измените на Законот за Национална рамка на квалификации, што беше основа да започнат реформи во стручното образование и обука (модуларни образовни програми според потребите на бизнисот, кредитен систем, педагошка документација и процес на валидација на предходното учење и искуство).

2. Пандемијата не ја спречи Комора да работи на зголемување на атрактивноста на стручното образование и обука и на засилување на соработката меѓу компаниите и стручните училишта за реализација на практична обука на учениците во компаниите и заедно со министерството за образование и наука активно беше вклучена во кампањата „Учи паметно, работи стручно“, поддржана од проектот „Образование за вработување“. Резултат од кампањата: уписна политика според потребите на бизнисот на локално и регионално ниво, зајакнување на социјалниот дијалог, нови квалификации, модернизирани образовни програми и најважно од сѐ: 211 фирми вклучени во процесот на стручното образование и раст за 6% на запишани ученици во стручното образование (без економско и медицинско образование).

3. Пандемијата не ја спречи Комората да организира и модерира настани за важноста на образованието во обезбедување квалификуван и стручен кадар од сите нивоа на квалификации. Токму во овој контекст ќе ги споменам конференциите на тема: Високото образование и бизнисот-заеднички предизвици и приоритети“; Синергија на партнерите во обезбедување пазарно - ориентирано стручно образование и обука“ и издадена брошура со клучни поенти на говорниците 771_1.pdf), „Раст на бизнисот преку развој на вработените“ и националната конференција: „Промоција на Регионалниот фонд за предизвици“ и отворениот повик за доделување грант од 600.000 евра за конзорциумите кои ќе учествуваат во зајакнување на стручното образование и обука, како и дебатата „Образованието како фактор за забрзан регионален развој преку подобрување на усогласеноста на побарувачката и понудата на вештини“.

4. Пандемијата не успеа да спречи Комората и понатаму да биде препознатлива на национално и регионално ниво во поддршката што ја дава за обезбедување функционално стручното образование. Тоа беше причината, преставник на Комората да биде модератор на конференцијата „Добро обучен кадар кој ја познава компанијата“ организирана од Институтот за бизнис и менаџмент, Хајделберг, Скопје и организацијата АБИТ, во рамките на Балкан Бизнис неделатa; и панелист на регионалните конференции „Квалификацискиот систем во земјите од Западен Балкан“ и „Кон заеднички регионални стандарди за занимања ТО РЕГОС“ во организација на ЕРИ СЕЕ; завршната конференција „Регионални занимања – ТО РЕГОС“ во организација на ЕРИ СЕЕ; регионалната конференција „Важноста на јавно приватно парнерство во развојот на вештини и компетенции кај младите лица вклучени во стручното образование“ во организација на КИФ и Европската фондација за обука (ЕТФ) и на првата регионална конференција „Поддршка на конзорциумите за практична обука на учениците во компании“ во организација на Регионалниот фонд за предизвици и КИФ.

5. Пандемијата не ја спречи Комората да ја изработи анализата „Анализа на понудата и на побарувачката на вештини во пет плански региони (скопски, источен, пелагониски, југоисточен и вардарски) во Република Северна Македонија“ (781_1.pdfза потребата од работна сила за обезбедување кадар за компаниите во петте плански региони, која е иницирана од потребата за развој на нови квалификации во насока на задоволување на побарувачката на работна сила и обезбедување економски развој на државата. Комората знае дека со континиурано изработување на сеофатни анализи кои ги следат промените на движењата на понудата и побарувачката на пазарот на труд, се обезбедуваат релевантни показатели за потребите од квалификуван кадар; за потенцијалните вработувања; како и за политиките на бизнис-секторот во однос на нови вработувања, преквалификации и доквалификации на постојниот кадарзатоа што на бизнисот покрај правна и економска стабилност, потребни му се ресурси за зголемување на продуктивноста во работењето и сигурни показатели за предвидување на своите инвестирања. За поголема видливост и транспарентност на резултатите следува презентација на наодите од Анализата.

6. Пандемијата не ја спречи Комората транспарентно да ја прикаже својата улога како линк помеѓу образованието и бизнисот преку одржани прес-конференции на тема: „Наодите од анализата за потребата од работна сила за обезбедување кадар за потребите на компаниите“; „Партнерски однос за пазарно ориентирано стручно образование и обука“ „Наодите од анализата за потребата од работна сила за обезбедување кадар за потребите на компаниите“како и учество на прес-конференцијата организирана од Владата на РСМ „Уписна политика според потребите на бизнис заедницата“.

7. Пандемијата не ја спречи Комората да подготви низа документи кои ќе го олеснат процесот на вклучување на компаниите во стручното образование и обука. Со непосредна помош и поддршка на нашите стратешки партнери од областа на образованието и бизнисот беа изработени: Брошура „Образование по мерка на бизнисот“  (754_1.pdf); „Упатство за учење преку работа“, „Водич за процесот на верификација на нова квалификација“; „Дуален модел на стручно образование во Република С.Македонија“; „Концепт за размена на информации меѓу институциите“ во функција на прогнозирање на побаруваните вештини (790_1.pdf).

8. Пандемијата не ја спречи Комората да презема активности во пополнување на празнините во делот на обезбедување стручен кадар, потребен за продуктивност на компаниите преку процесите на доквалификација и преквалификација на работната сила низ системот на неформалното образование. Во соработка со компаниите, членки на Комората, реализираше обуки за квалификации според нивните потреби (месари, касапи, готвачи, заварувачи, бравари), а паралено ги спроведуваше процесите за обезбедување квалитет во стручното образование и обука (сертифицирање на ментори во компании и верификација на компаниите за практична обука на учениците). Дополнително, со финансиска поддршка на УНДП, реализираше обука на околу 180 ментори во компании.

9. Иако, во една максимално сложена ситуација, пандемијата не ја спречи Комората да ја продолжи меѓународната и регионалната соработка во областа на образованието. Во таа насока, за зајакнување на квалитетот на стручното образование и обука кое ќе одговара и ќе ги следи потребите на компаниите, Комората, преку Коморскиот инвестициски форум на 6-те земји на Западен Балкан, како главен партнер за имплементација, заедно со Регионалниот фонд на предизвици за земјите од Западен Балкан (основан на иницијатива на Министерството за економска соработка и развој на Сојузна Република Германија (BMZ), а финансиран од Германската банка за развој (KFW)), беше вклучена во активностите и инфо сесиите за информирање на компаниите, во партнерски однос со стручните училишта, да учествуваат на отворениот повик за доделување грант за финансирање на инвестиции во опрема и инфраструктура за проекти кои го подржуваат учењето преку работа или дуалниот модел на образование. Резултат: 8 конзорциуми го добија грантот за своите проекти и учениците ке имаат можност да ги стекнуваат своите практични вештини на софистицирани машини и опрема. Во насока на обезбедување човечки ресурси за  компаниите, олеснување на регионалната мобилност на пазарот на трудот и побрза вработливост, особено за младите лица, Комората беше вклучена во регионалниот проект „Кон зеднички регионални стандарди на занимања – ТО РЕГОС“. Резултат: изработени регионални стандарди за занимања и квалификации: хотелско-ресторантски техничар, монтер за сува градба, поставувач на подови, плочкар и молер. Проектот ги надмина очекувањата што беше причина за отпочнување на нов проект: „Подобрување на квалитетот на образованието и обуката во Југоисточна Европа (EQET SEE)“, поддржан и од Коморскиот инвестициски форум, со учество и Стопанската комора на Северна Македонија.

10. Стручното образование, особено во време на пандемија, беше тема на вебинарите организирани од Европската комисија, во кои активен придонес даваа претставниците од Комората.

Што можеме да заклучиме?

Оваа 2021 година ќе остави белег во нашите животи, како и минатата 2020 година. Но, со бројот на активности кои ги реализиравме, покажавме дека можеме брзо да се прилагодуваме на промените. Он-лајн работењето што започна како потреба поради пандемијата стана тренд во работењето на компаниите, па и во Комората. Во склад со приликите, во организација на Македонскиот центар за граѓанско образование, во соработка со Стопанската комора на Северна Македонија и Министерството за образование и наука, а со поддршка на проектот „Образование за вработување“ беше успешно реализиран Дигиталниот самит за средно стручно образование со една, единствена цел, да се поддржат младите деветтоодделеници и нивните родители во изборот на соодветна квалификација и занимање, како и да се промовира стручното образование и обука, и да се поддржат компаниите и стручните училишта во напорот да го привлечат вниманието на младите.

Иако има уште многу да се пишува за активностите на Комората во 2021 година, сепак ќе завршам со дигиталната Платформата за вмрежување на компании и стручни училишта (https://praksa.mchamber.mk), со што Комората стана центар каде се вмрежуваат чинителите кои се клучни за одржливост на процесите во стручното образование и обука.