„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Објавен првиот повик за компаниите во рамките на новата седумгодишна европска програма за истражување и развој „Хоризонт Европа“

05.04.2021

Објавен првиот повик за компаниите во рамките на новата седумгодишна европска програма за истражување и развој „Хоризонт Европа“

Актуелни повици за проекти

Тековни проекти на Комората

Програми и Регулатива за фин. на проекти

ЕУ Клуб

Европската комисија започна со објавување повици за проекти во рамките на програмата за истражување и развој „Хоризонт Европа“, програма која е дефинирана за следниот седумгодишен период (2021 – 2027 година).

Стопанската комора на Северна Македонија, во рамките на своите активности, редовно ќе ги информира компаниите за самите повици и ќе ги поддржува во подготовката на нивните апликации.

Првиот повик е објавен минатата недела во рамките на Европскиот иновациски совет, како дел од програмата „Хоризонт Европа“, и е наменет за компаниите, истражувачките центри, универзитетите и за бизнис-асоцијациите, кои треба да соработуваат заедно за да ја постигнат целта на Европската Унија – да стане конкурентна и иновативна економија со зголемени капацитети за извоз и за интернационализација.

Европскиот иновациски совет (ЕИС) е клучен новитет за програмата „Хоризонт Европа“, претставувајќи клучна точка, каде што компаниите ќе добијат поддршка во реализацијата на своите иновативни проекти и преку Европскиот иновациски совет, како дел од програмата, би се реализирале потпрограмите наменети за компаниите. ЕИС ќе ги продолжи проектите кои досега беа познати како инструмент за малите и средни компании и брза трака до иновации, но ќе воведе и други потпрограми кои ќе бидат наменети за МСП.

Првиот повик е наменет за проекти кои имаат радикално нови технологии и процеси, високоризични, за кои е потребно темелно истражување за да можат да го изодат својот пат од иновација до пазар.

Еден од главните новитети за аплицирање на проекти во рамките на програмата „Хоризонт Европа“ (Европскиот иновациски совет) е поедноставениот пристап на аплицирање, особено за малите и средни компании, кои треба да покажат во своите проектни апликации дека имаат потенцијал да развијат нови подобрени производи; да ги подобрат своите процеси на производство, кои ќе значат заштита на животната средина; да создадат поздрави и подобрени производи за потрошувачите и, генерално, подобрувајќи ги своите конкурентни потенцијали, да придонесат за создавање конкурентна и иновативна европска економија.

Основна насока во подготовката на сите проектни апликации е постигнување една или повеќе од целите зададени во Европската стратегија, а тоа се Договорот за зелена економија, дигитализацијата и конкурентната и иновативна економија.

Во рамките на EIC Pathfinder, или изнаоѓање на патот од иновација до пазар, е објавен и првиот повик за иновации кои се во почетна фаза и за кои е потребно детално истражување, за да може веќе во следните повици да го изоди патот од иновација до пазар. Во рамките на Европскиот иновациски совет развиени се алатки или систем со кои компаниите ќе бидат поддржани за време на сиот нивни пат при реализацијата на развивањето на иновацијата, индустриското производство и при пласирањето на пазарот. Тоа е и новина во оваа програма, во која Европската комисија, во рамките на Европскиот иновациски совет, има развиена стратегија, со која ќе ги поддржува компаниите да развијат иновација, но и да можат да ја стават во процесот на производство, да ја пласираат на пазарите во ЕУ и пошироко и истовремено да ги поддржи со дополнителни средства преку Фондот „ЕИЦ“, според принципот на venture capital, вложувајќи во нивните компании и иновативни идеи. Целта е да се зајакне не само иновативниот потенцијал на компаниите туку и да се обезбеди пат за нивно пласирање на пазарот.

За да се аплицира на првиот повик, потребно е претходно компанијата да биде регистрирана во системот ECAS на ЕУ и да има свој PIC-број. Конзорциумите се формираат од минимум три партнери, од кои едниот треба да биде од земја од ЕУ, а самиот конзорциум треба да биде составен од универзитети, истражувачки научни центри, индустрија, МСП или стартапи.

Максималниот грант од ЕУ е 3 милиони евра, а самата апликација е максимално упростена за компаниите да можат да аплицираат. Самиот предлог-проект, во кој треба да се објасни сиот процес на развој на една иновација, треба да се стави на максимум 17 страници, што значи дека апликацијата е значително скратена.

Краен рок за аплицирање е 17 мај 2021 година, а новина е и тоа дека евалуаторите, пред да донесат конечна одлука дали е проектот подобен за финансирање, ќе побараат дополнителни објаснувања од самиот апликант – нешто што досега не беше овозможено.

Проектите што ќе се добијат во рамките на овој повик (Pathfinder) ќе бидат 100 % кофинансирани, а најмалку 70 % од буџетот треба да биде наменет за компанијата.

Исто така, олеснителна околност за овој повик е и фактот дека ќе бидат земени предвид компании кои имаат ниско ниво на технолошка подготвеност (TRL 1-4), со цел да им се помогне не само да ја развијат својата иновација туку и да може да произведат и да ја пласираат на пазарот, секако, со поддршка на алатките ЕИЦ.

Повикот може да се најде на следниот линк:

https://ec.europa.eu/info/funding-tenders/opportunities/portal

Повик EIC Pathfinder

 

Вкупен буџет

168 милиони евра

Буџет од проект

< 3 милиони евра

Финансирање

100 %

Апликанти

Минимум 3 институции – МСП и индустрија

Услов во буџет

70 % од буџетот да биде наменет за компанијата учесник во конзорциумот

Проектна апликација

Максимум 17 страници

Краен рок

19 мај 2021, 17:00 часот

Што е потребно за да се аплицира на повиците во рамките на програмата на ЕУ „Хоризонт Европа“?

За аплицирање на новата седумгодишна програма „Хоризонт Европа“, македонските компании треба да имаат:

- добро разработена и дефинирана проектна идеја, која е иновативна, поврзана со целите на ЕУ дефинирани во стратегијата „Европа 2021-2027“ и во согласност со барањата дефинирани во повикот;
- партнерство – конзорциумите се креираат во согласност со заедничките интереси. Минимум 3 партнери од 3 различни земји, но препорачливи се поголеми конзорциуми, како и факултети преку своите истражувачки центри. Во рамките на ЕИС се предвидува креирање повици преку кои ќе може и самите компании да аплицираат, без креирање конзорциуми, и ќе се запази правилото идејата и потребата да дојдат од самите компании;
- финансиски план – треба да биде поврзан со зацртаните активности во работниот план, со дефинирани директни, индиректни и транспортни трошоци.

Процесот на регистрација на компаниите за учество на повиците е преку следниве веб-страници:

ECAS (European Commission Authentication Service) – се внесуваат податоци за вашата компанија и се добива PIC-број (Participant Identificatin Code) од 9 бројки, кој натаму ќе служи за аплицирање на повици.

https://webgate.ec.europa.eu/cas/eim/external/register.cgi

The Participant Portal – се објавуваат повиците, апликациите и се ажурираат податоците за вашата компанија.

https://ec.europa.eu/info/funding-tenders/opportunities/portal/screen/home