„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

ВO КИЧЕВО СЕ ОДРЖА СОЦИЈАЛНИОТ ДИЈАЛОГ „УЧИ ПАМЕТНИ, РАБОТИ СТРУЧНО“

13.02.2023

ВO КИЧЕВО  СЕ ОДРЖА СОЦИЈАЛНИОТ  ДИЈАЛОГ  „УЧИ ПАМЕТНИ,  РАБОТИ СТРУЧНО“

Во Кичево на 10 февруари 2023 година се одржа средба за социјален дијалог насловен како  „Учи паметно,  работи стручно“, организирана од  Секторот за образование на општина Кичево во соработка со Министерството за образование и наука, во согласност со кампањата за воведувањето на дуалното образование, каде учествуваа претставници од средните стручни училишта, од основните училишта  и  од компаниите.

Раководителот на Секторот за образование на Општина Кичево, Емин Насуфи, истакна дека целта на средбата е воведување на дуално образование во стручните училишта во Кичево и како најзаинтересирана страна за поквалитетен образовен систем преку ваков социјален дијалог општината  очекува голем интерес и кај учениците и кај фирмите, и затоа мора квалитетно да се спроведува во стручните училишта и да се поддржува.

 Претседателот на Регионалната комора со седиште во Кичево, Игор Соколески, посочи дека активностите за воведување на дуалното образование,модел кој го поттикнуваше Стопанската комора уште од 2013 година, ќе придонесат средното стручно образование да ја оствари својата примарна цел, а тоа е  креирање на квалификуван стручен кадар кој ќе одговара на потребите  на пазарот на трудот.  

Присутните компании дискутираа за тековите на локалниот пазар на труд и за потребата од одредени профили на работници.

Свои излагања и презентации на настанот имаа и координаторите на проектот од Општина Кичево и директорите на средните училишта, за квалификациите кои ги има во средните училишта, а тоа се: машинска струка, економија, право и трговија, здравствена, електротехника, хемија и технологија.

Стопанската комора на Северна Македонија одамна е активно вклучена во образовните процеси и креирањето на образовни политики кои го поттикнуваат вклучувањето на работодавачите во реализацијата на некоја од формите на дуално образование. Покрај вклученоста во изработка на над 85 образовни програми, упатства и стандарди, Комората беше вклучена и во работната група за подготовка на новиот Закон за стручно образование и обука, имплементира обука за стручен кадар-ментори во компании, чија бројка изнесува над 500 сертифицирани ментори во компании од страна на Комората и врши верификација на компаниите за практична обука на ученици.