„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

КРИЗИ, КРИЗИ, КРИЗИ...

08.07.2022

КРИЗИ, КРИЗИ, КРИЗИ...

Новини, реформи и регулатива

Практична обука

Бизнис Центар за тренинг и обука

Едукација за вештини и знаења

Покрај здравствената криза, чии последици сѐ уште се чувствуваат, светот е исправен пред нови кризи – економска, енергетска и безбедносна криза – кои ѝ нанесоа поголема штета на светската економија. Последиците уште повеќе ги чувствуваат и онака ранливите економии на малите земји како нашата. Македонската економија никогаш не била во потешка состојба од осамостојувањето до денес, а во ваква ситуација најважно е да се има стратегија како да се спречат последиците. Неконтролираниот раст на цената на енергенсите доведе до зголемување на животните трошоците, но и на трошоците на компаниите, како и до нивна борба за одржливост на продуктивноста. Битката за привлекување на странските инвестиции одамна е изгубена. Зголемените трошоци доведоа до поголеми задолжувања. Се проценува дека до крајот на годинава нашата земја ќе има долг од 1,3 милијарди евра, а јавниот долг ќе достигне 70 % од БДП, за разлика од минатата година, кога изнесуваше 62,5 % од БДП. Растот на инфлацијата е прилично висок. Последната објава на Државниот завод за статистика покажуваа длабока рецесија од 6,1%. Ребалансот на буџетот е неизбежен, но најмногу пари се кратат на капиталните инвестиции.

Но, и покрај сите кризи, најголем проблем за компаниите и натаму останува кризата во образованието, преточена во недостигот од квалификуван, доброобразован и стручен кадар. Причина за тоа е нерамнотежата меѓу тоа што се бара на пазарот на трудот и каков кадар испорачуваат образовните институции.

Социјалниот дијалог што го реализираа Министерството за образование и наука и Стопанската комора на Северна Македонија со компаниите и со стручните училишта за креирање уписна политика по мерка на бизнисот и за потребите од стручен кадар на регионално и на локално ниво направи исчекор напред. Во процесот на почетокот беа вклучени 11 компании, додека, пак, во учебната 2021/2022 година, преку социјалниот дијалог и кампањата „Учи паметно – работи стручно“ (поддржана од швајцарскиот проект „Образование за вработување“), беа вклучени 211 компании, а оваа учебна 2022/2023 година во конкурсот за упис на ученици се вклучија 500 компании. Во компаниите учениците реализираат практична обука и веднаш по своето завршување би можело да бидат вработени. Но тоа не е доволно. Затоа ќе се фокусирам само на два аспекта од образовната криза.

Првиот аспект е одржливото финансирање . Ако сакаме да имаме квалитетно стручно образование и квалификуван стручен кадар, мора да го модернизираме стручното образование, преку опремување на стручните училишта со машини, алати, со опрема, нагледни средства и со материјали за практична настава. Но за тоа се потребни поголеми и одржливи финансиски средства. Пред 10 години издвојувањата средства за образованието од БПД изнесувале 3,7 %, а денес се издвојуваат 3,2 %, што е под просекот на ОЕЦД, кој изнесува 5 %. Со ребалансот на буџетот има зголемување на средствата во сферата на образованието за 13 милиони евра, и тоа само во делот за плати, а не за модернизација и за унапредување на образованието. Дополнително, мора да се предвидат и олеснувања за компаниите кои се вклучиле во стручното образование и кои оспособуваат ученици за работни позиции.

Вториот аспект е квалитетот на знаењата и на вештините на завршените ученици. Иако критериумите за оценување и за вреднување на знаењата на учениците, навидум, не се важни, тие се многу значајни. Затоа процесите на оценување и на вреднување на знаењата треба прецизно да се вагаат и сериозно да се анализираат, бидејќи последиците се далекосежни и се рефлектираат и врз општеството и врз економијата. Голема е бројката на завршени ученици со одличен успех, а тоа го покажува и фактот дека учебната 2020/21 година учениците од основното образование ја завршиле со просечна оцена 4,24, додека, пак, од средно со 3,95, споредено со учебната 2010/2011 година, кога просечната оценка на учениците во основното образование била 3,88, а во средното образование 3,72. Тоа се случи и оваа учебна 2021/2022 година, а реализацијата на приемниот испит во Гимназијата „Орце Николов“ – Скопје ја покажа вистинската слика на образованието. Од вкупниот број ученици со одличен успех кои конкурирале за упис во Гимназијата „Орце Николов“ и кои го полагале приемниот испит, само 3,76 % покажале одличен успех, 13,36 % покажажале многу добар успех, 45,55 % покажале добар успех, 23,97 % покажале доволен успех, а 13,36 % од тестираните покажале недоволен успех. Toа е доказ за подигање на критериумите за оценување во основното образование и воведување приемни испити во стручните училишта што би помогнало во насочувањето на учениците кон занимањето за кое што имаат реални можности, да се селектираат уште во првиот рок добрите ученици и да се поттикнат учениците да имаат посериозен пристап кон образованието.

Ова покажува дека, покрај образовна криза, имаме и морална криза, што ни укажува дека мора да излеземе од нашата образовна инертност и да се еманципираме себеси, родителите, наставниците и учениците. Одличниот успех не е меродавен за знаењата и за вештините на учениците, затоа што реалноста покажува дека завршените ученици немаат основни знаења и вештини, а тоа го потврдува и извештајот на ЕК, во кој години наназад стои дека 80 % од невработените се долгорочно невработени поради неусогласеноста со вештините што се бараат на пазарот на трудот.