„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Нови прописи

Прописи објавени во „Службен весник на Република Северна Македонија“



Член 1

Со овој закон се уредува остварување на правото на младински додаток, постапката, условите и висината за исплата на младински додаток на младо лице на возраст до 23 години.

Член 2

Целта на овој закон е поттикнување на младите лица да се вклучат на пазарот на трудот во производствена дејност, а преку финансиската поддршка да се обезбеди вработување на подолг временски период и подобрување на нивната економска положба.

Член 3

Одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:

1) „Младо лице“, во смисла на овој закон, е физичко лице на возраст до 23 години со минимум завршено средно образование, кое по основа на вработување и самовработување во производствена дејност е опфатено со задолжително социјално осигурување во Република Северна Македонија во согласност со Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, како и физичко лице на возраст до 23 години со минимум завршено средно образование на кого земјоделската дејност му е единствено занимање и кое остварува приход по основа на вршење земјоделска дејност и е обврзник за пресметка и уплата на придонес/и од задолжително социјално осигурување, согласно со Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување;

2) „Младински додаток“ е месечен додаток, кој се исплаќа од буџетот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Агенцијата) на трансакциска сметка на младото лице;

3) „Претежна производствена дејност“, во смисла на овој закон, е дејност на работодавачот од класите поврзани со производство во согласност со Националната класификација на дејности Рев.2.

Член 4

Младински додаток може да користи младо лице што ги исполнува следниве услови:

- е опфатено со задолжително социјално осигурување по основа на вработување кај работодавач или самовработување со претежна производствена дејност,

- е вработено во приватна агенција за вработување

и е отстапено на работа кај работадавач со претежна производствена дејност или

- е опфатено во задолжително социјално осигурување како индвивидуален земјоделец.

Член 5

 Младински додаток се исплаќа доколку на младото лице му е исплатена плата и придонеси од задолжително социјално осигурување од работодавачот, односно самовработеното лице во постапка и во рок утврден со закон, освен за индивидуалниот земјоделец, за кого додатокот се исплаќа по извршена уплата на придонес/и од задолжително социјално осигурување согласно со

закон, врз основа на обезбедени податоци од Управата за јавни приходи.

 

Член 6

Листата со класите во кои се содржани производствени дејности од Националната класификација на дејности Рев.2, ја утврдува министерот кој е надлежен за работите од областа на трудот.

Член 7

(1) Младинскиот додаток изнесува 3.000 денари за полно работно време, на кој се плаќа данок на личен доход и се исплаќа еднаш месечно на трансакциската сметка на младото лице, најдоцна до 25-ти во месецот за претходниот/те месец/и.

 (2) Правото на младински додаток младото лице го остварува по поднесено барање во надлежниот центар за вработување, според местото на живеење на младото лице, доколку младото лице ги исполнува условите утврдени со овој закон.

 (3) Агенцијата во постапката по барањето од ставот (2) на овој член, по службена должност, обезбедува податоци за исполнетост на условите од членот 4 од овој закон, врз основа на евиденцијата на регистрирани пријави во задолжително социјално осигурување, која

Агенцијата ја води согласно со закон.

 (4) Податоците за исполнетост на условите од членот 5 од овој закон за исплатената плата на младото лице од работодавачот, Агенцијата ги обезбедува по службена должност од Управата за јавни приходи.

(5) Агенцијата податоците за претежната производна дејност ги обезбедува по службена должност од Централниот регистар на Република Северна Македонија, врз основа на евидентираната приходна (главна) шифра.

 (6) Агенцијата податоците за лицата опфатени во задолжително социјално осигурување како индивидуални земјоделци, ги обезбедува по службена должност од Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија и/или од Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија.

 (7) Агенцијата податоците од ставовите (4), (5) и (6) на овој член ги обезбедува збирно за сите поднесени барања, еднаш месечно, пред рокот кој е утврден за исплата во ставот (1) на овој член.

(8) Младинскиот додаток од ставот (1) на овој член се исплаќа до престанокот на задолжителното социјално осигурување по основа на вработување или самовработување, односно престанокот на задолжително социјално осигурување како индивидуален земјоделец, а најмногу до навршени 23 години на младото лице.

 (9) Агенцијата врши проверка на исполнетоста на условите за исплата, по службена должност, преку обезбедените податоци од ставовите (4), (5) и (6) на овој член.

 (10) Формата и содржината на образецот на барањето од ставот (2) на овој член ги пропишува министерот кој е надлежен за работите од областа на трудот, во согласност со министерот за информатичко општество и администрација.

Член 8

(1) По барањето од членот 7 став (2) од овој закон, надлежниот центар за вработување донесува решение во рок од 30 дена од денот на поднесување на барањето.

 (2) На решението од ставот (1) на овој член може да се поднесе жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Член 9

Надзор над примената на овој закон врши Министерството за труд и социјална политика.

Член 10

(1) Подзаконскиот акт, чие што донесување е утврдено со овој закон, ќе се донесе во рок од 15 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

 (2) Листата од членот 6 од овој закон ќе се утврди во рок од 15 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 11

Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе се применува до 31 декември 2025 година. 

Член 1

Во Законот за концесии и јавно приватно партнерство („Службен весник на Република Македонија“ број 6/12, 144/14, 33/15, 104/15 и 215/15 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 153/19, 261/19 и 89/22), по членот 41-б се додава нов член 41-в, кој гласи:

„Член 41-в

По исклучок од членот 41 став 7 од овој закон во случај на склучен анекс на договор за промена на намената на дел од средствата согласно со членот 41-а од овој закон, а средствата не биле целосно искористени согласно со склучениот анекс, врз основа на претходно направена анализа на проценка на економската и функционалната оправданост и по претходна обезбедена согласност од концесионерот, Владата на Република Северна Македонија може да донесе одлука за склучување анекс на договорот за концесија за промена на намената на делот од средствата кои не биле искористени за инвестирање во објекти од јавен интерес, со цел нивно доискористување за инвестирање во проекти од јавен интерес.

Анализата за проценка на економската и функционалната оправданост од ставот 1 на овој член ја изработува Владата на Република Северна Македонија. Во одлуката од ставот 1 на овој член се утврдува намената на средствата, износот на средствата што биле потребни за спроведување на анексот на договорот за концесија склучен согласно со членот 41-а од овој закон, начинот и динамиката на реализацијата на доискористување на средствата што не биле искористени согласно со анексот на договорот за промена на намената на дел од средствата, согласно со правата и обврските на концесионерот и концедентот утврдени со договорот за концесија и анексот на договорот за концесија склучен согласно со членот 41-а од овој закон.“

Член 2

Одредбите од членот 1 од овој закон со кој се додава нов член 41-в, кои се однесуваат на можноста за склучување на анекс на договор за договорите за концесија на кои е склучен анекс на договор согласно со членот 41-а од овој закон, ќе се применуваат една година од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Концесионерите кои до денот на влегувањето во сила на овој закон имаат склучено анекс на договор за концесија согласно со членот 41-а од овој закон, ќе можат да склучат анекс на договор за концесија согласно со одредбите од членот 1 од овој закон со кој се додава нов член 41-в, во рокот утврден во ставот 1 на овој член.

Член 3

 Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“. 

Врз основа на член 24 став (1) точка 1) алинеја 16 од Законот за енергетика* (“Службен весник на Република Македонија” бр. 96/18 и “Службен весник на Република Северна Македонија” бр.96/19 и 236/22), член 8 став (3) од Правилникот за формирање на највисоки малопродажни цени на одделни нафтени деривати и горива за транспорт („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 108/20, 133/20, 49/22, 54/22, 64/22 и 125/22) и Одлуката за определување на ескалираната густина rе и деескалираната густина rd на секој нафтен дериват и гориво за транспорт, висината на надоместокот P за премија, транспортните трошоци Т до склад во Република Северна Македонија и висината на надоместокот D за трошоци за работење преку склад и трговска маржа со вклучени транспортни трошоци од склад до бензински станици и крајни потрошувачи (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 229/22) Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 22.3.2023 година, донесе

О Д Л У К А

ЗА УТВРДУВАЊЕ НА НАЈВИСОКИ МАЛОПРОДАЖНИ ЦЕНИ НА

НАФТЕНИТЕ ДЕРИВАТИ И ГОРИВА ЗА ТРАНСПОРТ

Член 1

(1) Највисоките малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт, изнесуваат:

- Моторен бензин -

ЕУРОСУПЕР БС - 95 - 81,00 (денари/литар)

- Моторен бензин -

ЕУРОСУПЕР БС – 98 - 83,00 (денари/литар)

- Дизел гориво -

ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) - 74,00 (денари/литар)

- Масло за горење -

Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) - 73,50 (денари/литар)

- Мазут М-1 НС - 37,078 (денари/килограм)

(2) Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките цени утврдени во став (1) од овој член.

 (3) Највисоките малопродажни цени формирани согласно со став (1) на овој член, освен цената за Мазутот М-1 НС, важат франко пумпна станица, а цената на Мазутот М-1 НС важи франко склад на трговец на големо со нафтени деривати и горива за транспорт во земјата.

 (4) Во највисоките малопродажни цени формирани согласно со овој член содржан е данокот на додадена вредност согласно Законот за данокот за додадена вредност.

 

Член 2

(1) Во највисоките малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт утврдени со членот 1 од оваа одлука, содржани се и највисоките набавни цени, коишто изнесуваат:

- Моторен бензин -

ЕУРОСУПЕР БС - 95 - 39,675 (денари/литар)

- Моторен бензин -

ЕУРОСУПЕР БС – 98 - 41,526 (денари/литар)

- Дизел гориво -

ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) - 41,024 (денари/литар)

- Масло за горење -

Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) - 40,436 (денари/литар)

- Мазут М-1 НС - 28,532 (денари/килограм)

Член 3

Во највисоките малопродажни цени утврдени со членот 1 од оваа oдлука, содржан е надоместок за трошоци за работење преку склад и трговска маржа, којшто за Еуросупер БС-95 е во износ од 5,049 денари/литар, за Еуросупер БС-98 е во износ од 4,893 денари/литар, за Еуродизел БС (Д-Е V) е во износ од 4,908 денари/литар и за Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) е во износ од 5,062 денари/литар, додека за Мазутот М-1 НС надоместокот е во износ од 2,00 денар/килограм.

Член 4

Во највисоките малопродажни цени утврдени со членот 1 од оваа одлука, со исклучок за Мазутот М-1 НС, содржан е надоместокот за транспортни трошоци од склад до бензински станици во износ од 0,95 денари/литар за сите нафтени деривати.

Член 5

Во највисоките малопродажни цени утврдени со членот 1 од оваа одлука содржан е надоместокот за финансирање на активностите во областа на животната средина што согласно член 184 став (1) од Законот за животната средина го плаќаат обврзниците утврдени со овој закон:

- Моторен бензин -

ЕУРОСУПЕР БС - 95 - 0,080 (денари/литар)

- Моторен бензин -

ЕУРОСУПЕР БС – 98 - 0,080 (денари/литар)

- Дизел гориво -

ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) - 0,030 (денари/литар)

- Масло за горење -

Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) - 0,040 (денари/литар)

- Мазут М-1 НС - 0,050 (денари/килограм)

Член 6

Во највисоките малопродажните цени утврдени со членот 1 од оваа одлука содржан е надоместокот за задолжителни резерви, што согласно член 32 став (1) од Законот за задолжителни нафтени резерви го плаќаат производителите на нафтени деривати и увозниците на нафтени деривати:

- Моторен бензин -

ЕУРОСУПЕР БС - 95 - 0,890 (денари/литар)

- Моторен бензин -

ЕУРОСУПЕР БС – 98 - 0,890 (денари/литар)

- Дизел гориво -

ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) - 0,300 (денари/литар)

- Масло за горење -

Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) - 0,300 (денари/литар)

- Мазут М-1 НС - 0,740 (денари/килограм)

Член 7

Во највисоките малопродажните цени утврдени со членот 1 од оваа одлука акцизите што ги плаќаат обврзниците согласно прописите за акцизи, изнесуваат:

- Моторен бензин -

ЕУРОСУПЕР БС - 95 - 22,00 (денари/литар)

- Моторен бензин -

ЕУРОСУПЕР БС – 98 - 22,00 (денари/литар)

- Дизел гориво -

ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) - 15,50 (денари/литар)

- Масло за горење -

Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) - 15,50 (денари/литар)

- Мазут М-1 НС - 0,100 (денари/килограм)

Член 8

Со денот на отпочнувањето на примена на оваа одлука престанува да важи Одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 61/23).

Член 9

Оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, се објавува во “Службен весник на Република Северна Македонија” и на веб-страницата на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија, а ќе отпочне да се применува од 00:01 часот на 23.3.2023 година.

 

                                                                                    Регулаторна комисија за

                                                                                                                       енергетика и водни услуги на

                                                                                                                    Република Северна Македонија                                   

Бр. 02-622/1                                                                                                               Претседател,

22 март 2023 година                                                                                        Марко Бислимоски, с.р

Скопје 

Врз основа на член 30 став 1 алинеи 2 и 6 од Законот за трговија (*) („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/04, 128/06, 63/07, 88/08, 159/08, 20/09, 99/09, 105/09, 115/10, 158/10, 36/11, 53/11, 148/13, 164/13, 97/15, 129/15, 53/16, 120/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.77/21, 215/21, 295/21 и 150/22), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 21 март 2023 година, донесе

 

 

О Д Л У К А

ЗА ОПРЕДЕЛУВАЊЕ НА НАЈВИСОКИ ЦЕНИ ЗА ОДДЕЛНИ ПРОИЗВОДИ ВО ТРГОВИЈАТА НА МАЛО И ОБВРСКА НА ТРГОВЦИТЕ ДА ПРИБАВУВААТ И ПРОДАВААТ ОПРЕДЕЛЕНИ ВИДОВИ И КОЛИЧЕСТВА НА ОДДЕЛНИ СТОКИ НА ПОТРОШУВАЧИТЕ СПОРЕД ОПРЕДЕЛЕН РЕДОСЛЕД

 

Член 1

Со оваа одлука се определуваат највисоките цени во трговијата на мало на свежи јајца од кокошка и ориз и се определува обврска на трговците кои претставуваат правни и физички лица кои се регистрирани за вршење на трговска дејност во соодветен регистар согласно со закон, како и трговците кои претставуваат правни и физички лица регистрирани за вршење на производство кои своите производи ги продаваат на пазарот, да прибавуваат и/или да продаваат свежи јајца од кокошка.

Член 2

Највисоките цени на производите од членот 1 од оваа одлука се утврдуваат на нивото на цените кои се применувале на 15 март 2023 година во трговијата на мало, за соодветната класа по производ.

Член 3

Трговците кои претставуваат правни и физички лица кои се регистрирани за вршење на трговска дејност во соодветен регистар согласно со закон, имаат обврска редовно да прибавуваат и да продаваат свежи јајца од кокошка во количини што редовно се прибавувале и продавале во јануари и февруари 2023 година.

Трговците кои претставуваат правни и физички лица регистрирани за вршење на производство кои своите производи ги продаваат на пазарот, имаат обврска најмалку 70% од своето производство на свежи јајца од кокошка да го стават во промет на домашниот пазар.

Член 4

Највисоките цени на производите од членот 2 од оваа одлука и обврските на трговците од членот 3 од оваа одлука ќе се применуваат до 30 април 2023 година.

Член 5

Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

 

Бр. 41-3066/3                                                                      Претседател на Владата

21 март 2023 година                                                    на Република Северна Македонија,

Скопје                                                                                 д-р Димитар Ковачевски, с.р. 

З А К О Н ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА

ЗАКОНОТ ЗА ЛЕКОВИТЕ И МЕДИЦИНСКИТЕ СРЕДСТВА

Член 1

Во Законот за лековите и медицинските средства („Службен весник на Република Македонија“ број 106/2007, 88/10, 36/11, 53/11, 136/11, 11/12, 147/13, 164/13, 27/14, 43/14, 88/15, 154/15, 228/15, 7/16, 53/16, 83/18, 113/18 и 245/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 28/21 и 122/21), по членот 108 се додава нов член 108-а, кој гласи:

„Член 108-а

(1) По исклучок од членот 108 ставови 2 и 3 од овој закон, цената на лекот во промет на големо може да биде и пониска од цената којaшто е формирана во согласност со членот 108 ставови 2 и 3 од овој закон, кога постои јавен интерес за да се обезбеди одржливост на финансирањето на лековите од буџетските средства и од средствата за задолжително здравствено осигурување, или во отсуство на конкуренција од технички причини во прометот со лекови, за што се склучуваат посебни договори.

 (2) Посебните договори од ставот (1) на овој член, се склучуваат меѓу Министерството за здравство и носителот на одобрението за ставање на лек во промет, односно правното лице што врши промет на големо, кое е овластено од производителот на лекот, по предходна согласност од Владата на Република Северна Македонија.

 (3) Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија е должен да даде мислење за обезбедени средства за лековите што се покриваат од средствата за задолжително здравствено осигурување, а се предмет на склучување на посебни договори.

 (4) Посебните договори од ставот (1) на овој член можат да се склучат за лековите што се покриваат од програмите донесени во согласност со прописите од областа на здравствената заштита и за лековите што се покриваат од средствата за задолжително здравствено осигурување меѓу договорните страни од ставот (2) на овој член, за да се сподели ризикот и/или трошоците, односно да се ограничи бројот на лицата чиишто трошоци за лекување се покриваат, односно да се ограничи износот до кој ќе се плаќа лекот, како и за да се обезбеди оптимално планирање, регулирање и гарантирање на снабдувањето и трошоците за лекувањето.

 (5) Со посебниот договор од ставот (1) на овој член, се обезбедуваат лекови за кои нема конкуренција од технички причини во промет, или лекови со цел на заштита на ексклузивни права, вклучувајќи ги и правата од интелектуална сопственост.

 (6) Набавката на лековите од ставот (5) на овој член се спроведува во согласност со прописите од областа на јавните набавки, при што информациите од договорот, коишто се однесуваат на износот на договорената цена на големо и вкупниот износ на договорот за лекот што е предмет на набавката, не се објавуваат на електронскиот систем за јавни набавки.

 (7) Сите податоци од посебниот договор за лековите од ставот (5) на овој член, претставуваат дeловна тајна.

 (8) Членовите на комисиите за јавни набавки и вработените кои учествуваат во спроведување на постапките за набавка и склучување на посебните договори од ставот (1) на овој член, се должни податоците од ставот (6) на овој член да ги чуваат како доверливи и да потпишат изјава за доверливост.“.

Член 2

Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“. 


Контакт лице: Ана Стерјовска

Телефон: ++ 389 2 3244037
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: [email protected]
Контакт центар: (02) 15015